Одржана десеттата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година

На 22 февруари 2024 година се одржа десеттата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година.

На седницата активно учество земаа 8 членови и 2 заменици членови на Советот за ПОВ (претставници на органите на државната власт и граѓанските организации). Гордана Гапиќ Димитровска, ко-претседател на Советот за ПОВ од членовите кои ги претставуваат институциите имаше улога на претседавач на оваа седница.

По усвојувањето на предлог-дневниот ред, се отвори дискусија по апликацијата на Општина Кисела Вода за иницијативата Партнерство за отворена власт на локално ниво (ПОВ Локал), поддржана од младинската организација КРИК и Меѓународниот републикански институт, за која Советот за ПОВ треба да се произнесе дали постои ризик за угледот на ПОВ за кој ПОВ Локал треба да е информиран при разгледување на апликацијата на Општина Кисела Вода. Под ризик се подразбира дали апликантот постапил спротивно на Декларацијата за отворена влада во однос на сериозни прекршувања на интегритетот, репресија на граѓанското учество или недостаток на отвореност и транспарентност.

 

Членовите на Советот за ПОВ врз основа на нивните сознанија се произнесоа дека Општина Кисела Вода не претставува ризик за угледот на ПОВ. Со оглед дека процесот на локално ниво заостанува зад ПОВ процесот на национално ниво, со поддршка на оваа апликација ќе се овозможи промовирање на оваа иницијатива меѓу општините. Дополнително, се отвори дискусија дека е потребно за следниот круг за ПОВ локал за две години (кога ќе можат да аплицираат нашите општини), Советот за ПОВ и Мрежата за ПОВ да направат поструктуриран начин за стимулирање на општините со цел да има поголема заинтересираност од страна на општините за аплицирање во оваа иницијатива.

Во врска со нацрт Финалниот извештај за само-оценка за статусот на имплементација на Националниот акциски план за ПОВ 2021-2023 година (нацрт Финален извештај), подготвен согласно членот 13 од Решението за формирање на работна група со сите чинители за спроведување на НАП за ПОВ 2021-2023, односно врз основа на податоците добиени од  координаторите на заложби (по пат на електронска пошта како соодветна замена во услови на технички пречки за внес на податоци на порталот за ПОВ), Советот за ПОВ по барање на претставниците од граѓанските организации-членови на Советот за ПОВ го одложи од разгледување нацрт Финалниот извештај и донесе заклучок истиот да биде доставен до работните групи по заложби со цел претставниците од граѓанските организации-членови на работните групи да се произнесат по информациите и статусот на реализација содржани во нацрт Финалниот извештај. Дополнително, Советот за ПОВ формираше работна група со претставници од Советот за ПОВ која по добиените коментари и сугестии по нацрт Финалниот извештај од претставниците од граѓанските организации -членови на работните групи најдоцна до 7 март 2024 година ќе изврши увид и ќе го утврди  текстот на нацрт Финалниот извештај кој ќе биде доставен на разгледување до Советот за ПОВ и Владата на Република Северна Македонија.

 

 

 

Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.

Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена со еднаков број членови од институциите на државната власт и од граѓанското општество.

Советот за координација и следење на процесот на партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение од страна на министерот за информатичко општество и администрација ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018 и 2021 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за информатичко општество и администрација.

Напишете коментар