Скопје, 11 јуни 2020
На 9 јуни се одржа втората видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП) и Националниот Акциски план за ОВП 2018-2020 (Совет). На седницата беа разгледани, дискутирани и ставени на гласање клучни прашања за функционирањето на Советот, како усвојување на Деловникот за работа на Советот и избор на ко-претседатели на Советот, и за состојбата, предизвиците и можностите за процесот на ОВП во земјата, како статусот на реализација на Националниот акциски план за ОВП 2018-2020 година, подготовка на предлог временска рамка и начин на спроведување на процесот на ко-креирање на Акцискиот план за ОВП 2020-2022 година и можностите за поддршка на процесот од страна на Секретаријатот за ОВП.
На седницата беа поканети и учествуваа сите 14 членови на Советот. Гордана Гапиќ Димитровска, национална координаторка на Република Северна Македонија за ОВП во Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) имаше улога на организатор и претседавач на оваа седница. На покана од МИОА на седницата учествуваше и Сандра Пернар, регионална координаторка на ОВП за Европа, која ги претстави можностите за поддршка на процесот на ко-креирање на Акцискиот план за ОВП 2020-2022 година од страна на Секретаријатот за Отворено владино партнерство.
Двајца претставници од стручно-административната служба на МИОА и Сунчица Костовска-Петровска од Фондацијата Отворено општество – Македонија (координатор на мрежата на граѓански организации за ОВП) обезбедија административна и логистичка поддршка за подготовка и организација на седницата.
По усвојувањето на предлог-дневниот ред и усвојувањето на записникот од Конститутивната седница на Советот, одржана на 6.05.2020, членовите на Советот го разгледаа и усвоија и Деловникот за работа на Советот. За усвојувањето на записникот и на Деловникот беше применето електронско гласање.
Членовите на Советот, по пат на електронско гласање ги избраа и двајцата ко-претседатели на Советот – еден од членовите кои ги претставуваат органите на државната управа и еден од членовите кои ги претставуваат граѓанските организации. Од номинираните двајца претставници од институциите и четворица претставници од граѓанските организации, Советот ги изгласа своите ко-претседатели: Маја Петковска Лесес од Кабинет на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност и Мартин Тодевски од Центарот за управување со промени.
На оваа седница Советот ја усвои и Предлог-Информацијата за статусот на реализација на Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година (полугодишен извештај за периодот септември 2019 – март 2020 година). Целта на извештајот е да даде пресек за преземените активности од страна на носителите на заложбите од акцискиот план (институциите).
Со цел подготовка на предлог временска рамка и начин на спроведување на процесот на ко-креирање на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2020-2022 година, Советот формираше работна група која до следната седница на Советот ќе подготви предлог динамика и постапка на спроведување на процесот на ко-креирање на новиот акциски план. Во работната група ќе учествуваат Дарко Антиќ од Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Ивона Сталевска од ФООМ, Ели Чакар од Министерство за локална самоуправа, Гордана Г. Димитровска од МИОА, Сунчица Костовска-Петровска од ФООМ и претставник од Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, која во својата програма има предвидено активности и обезбедено средства од проектот на УСАИД за граѓанско учество за поддршка на процесот на ко-креирање на планот.
Сандра Пернар од Секретаријатот на меѓународната иницијатива за ОВП, во улога на регионална координаторка за Европа, пред членовите на Советот ги презентираше можностите за поддршка на процесот на ко-креирање на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2020-2022 година од страна на Секретаријатот за Отворено владино партнерство. Воедно, таа укажа на фактот дека Република Северна Македонија е фокус земја во новата тригодишна стратегија на ОВП. По обезбедената поддршка минатата година за воспоставување на Советот која е успешно реализирана, Секретаријатот на ОВП оваа година ќе го поддржи ко-креирањето на новиот двегодишен акцискиот план, како и процесот на неговото спроведување во наредниот период. Поддршката ќе биде овозможена од тимот на независниот механизам за известување и други партнери и тимови на Секретаријатот за Отворено владино партнерство со цел да помогнат во прогресот и фокусот на новиот акциски план, да им помогнат на работните групи и на Советот во поставувањето на приоритетите и подготовката на заложбите во новиот акциски план за наредниот двегодишен период. Поддршката ќе се состои во менторство, работилници и експертска помош. Г-ѓа Пернар истакна дека Република Северна Македонија веќе има високи оценки за процесот, а поддршката ќе овозможи да постигне уште понапредно ниво.
* * *
Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година е советодавно тело за Отворено владино партнерство на Република Северна Македонија, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Отворено владино партнерство, низ циклусот на планирање, во развојот на акциските планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акциските планови.
Отворено владино партнерство претставува доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.
Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени четири национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016 и 2018 година). Координатор на владините активности за ОВП е Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).
За да станат дел од иницијативата за ОВП земјите-членки подготвуваат двегодишни национални акциски планови развиени со јавни консултации, редовно известуваат за напредокот, работат со граѓанското општество за постигнување на договорените заложби и се обврзуваат на независни извештаи за нивниот напредок. Подготвувањето на Акцискиот план за ОВП е инклузивно, што значи дека свој придонес во процесот даваат различни засегнати страни, вклучително и јавната администрација, граѓанското општество, локалните власти, бизнис секторот и академската заедница.
Министерство за информатичко општество и администрација