Министерот Манчевски на панел дискусија на високо ниво во Будва, посветена на Отворено владино партнерство

Будва, 3 октомври 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествува на панел дискусија на високо ниво што се одржува во Будва, Црна Гора. Целта на настанот е размена на искуства и практични решенија во однос на спроведувањето на процесот на ОВП во земјите во регионот, запознавање со новите трендови преку презентации на регионални иницијативи, како и дефинирање на  областите во кои ќе се преземат заеднички мерки во иднина.

 

 

 

 

 

 

 

Во своето обраќање, министерот Манчевски потенцираше дека, преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност, Владата на Северна Македонија успеа да ги доближи институциите до граѓаните, така што тие се вклучени во процесите на креирање на сите владини политики.

„Основен предуслов за овој процес да биде успешен е довербата на граѓаните во институциите. Тоа го правиме преку активна транспарентност и отворање на податоците. Со таа цел го отворивме и новиот портал за отворени податоци. Бројот на податочни сетови достапни во моментов е 215 од повеќе од 48 институции. Ова е повеќе од тоа што беше предвидено во Акцискиот план. Преку порталот сакаме да ја подобриме  испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој исто така овозможува да се зголеми учеството на граѓаните при креирањето на политики и при анализа на испорачаните резултати. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја носиме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво. Отворањето на податоците директно и позитивно ќе помогне и во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси“, рече министерот Манчевски.

Во контекст на отворање на податоците, министерот Дамјан Манчевски додаде дека Владата воведе политики преку софтвер да ги објавува сите трошоци на министрите, замениците министри и државните секретари. На овој начин граѓаните имаат јасна слика за тоа како се трошат нивните пари.

Дводневниот настан во Будва е организиран во соработка меѓу иницијативата ОВП, РеСПА (Регионалната школа за јавна администрација), Владата на Црна Гора и Владата на Северна Македонија.

На панелот, обраќање имаа и министерката за јавна администрација на Црна Гора Сузана Прибиловиќ, министерот за правда на Босна и Херцеговина Јосип Грубеша,  Пол Масен, раководител на програмата за поддршка на земјите за Отворено владино партнерство, како и Горан Пастровиќ, програмски менаџер од РеСпа.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација

Напишете коментар