Одговорна институција
Датум на последното ажурирање
22 август 2024
Вкупно достигнувања кои треба да се остварат: 5
Остварени Достигнувања: 0/5
Достигнувања кои се на чекање: 0/5
Неостварени достигнувања: 5/5
Достигнувања со значителен прогрес: 0/5
3.1.1 Формирање на работна група за измени и дополнувања на Законот за БПП
3.1.2 Идентификување на недостатоците во постоечкиот софтвер на Министерството за правда за управување на предметите за БПП и утврдување на проблемите за неговото нефункционирање во пракса
3.1.3 Унапредување и надградување на софтверот на Министерството за правда за управување на предметите за БПП
3.1.4 Обуки за вработените во МП (Одделение за БПП и подрачни одделенија) за ИТ вештини и примена за софтверот за управување на предмети за БПП
3.1.5 Информативни активности за промоција на новите измени на Законот за БПП (по реализацијата на активноста број 1)
3.1 Дигитализација и унапредување на системот за бесплатна правна помош
Кој јавен проблем се адресира со заложбата?
Оваа заложба се однесува на дигитализација и унапредување на системот за бесплатна правна помош (БПП) преку надградување и започнување со примена во пракса на софтверот за менаџирање на предметите за БПП, унапредување на системот на собирање на податоци и водење статистики, обезбедување интероперабилност за размена на податоци со другите институции вклучени во системот за БПП како и измена и дополнување на Законот за бесплатна правна помош.
Главна цел на заложбата
- Каков проблем адресира заложбата?
Со заложбата за дигитализација и унапредување на системот на БПП засегнати се сите граѓани коишто поради недостиг на финансиски средства не можат да си ги остварат своите права и слободи, а особено граѓаните кои што се припадници на ранливите категории. Отсуството на дигитализација, односно интероперабилен софтвер за водење на предметите и собирање на податоци влијае на квалитетот на обезбедените услуги за БПП, времетраењето на постапката на собирање на документи од релевантните институции, транспарентноста и отчетноста на Министерството за правда и подрачните одделенија, што во крајна линија директно влијае на пристапот до правда на граѓаните. Дополнително, со влегувањето во сила на новиот Закон за вештачење, корисниците на правото на секундарна правна помош го губат правото на бесплатен вешт наод и мислење кое им припаѓа согласно Законот за бесплатна правна помош. Имајќи го во предвид ова, постои итна и неодложна потреба од отпочнување за процес за изработка на измени и дополнувања на Законот за бесплатна правна помош со цел да се усогласи со новонастанатата состојба со донесувањето на Законот за вештачење. Покрај ова прашање неопходно е да се решат проблемите поврзани со повеќе други области за кои Национално координативно тело за бесплатна правна помош во повеќе наврати има расправано, а за чие надминување се неопходни измени во Законот за бесплатна правна помош (како на пример БПП за жртви на кривични дела, БПП за жртви на семејно и родово-базирано насилство, ослободување од „други трошоци во постапката“ итн., подетално објаснети подолу).
- Кои се причините за проблемот?
- Проблеми кои произлегуваат од одредбите во Законот за бесплатна правна помош
Потребата од итна и неодложна потреба од отпочнување на процес за изработка на измени и дополнувања на Законот за бесплатна правна помош произлегува пред се од новонастанатата состојба со донесувањето на Законот за вештачење. Со членот 62 од Законот за вештачење, Бирото за судски вештачења се трансформираше во Биро за процена. Од 29 јули 2023 тоа веќе не врши вештачења туку само проценки. Од друга страна пак, согласно член 13 став 6 од Законот за бесплатна правна помош, вештачењата за потребите на лицата на кои им е одобрена секундарна правна помош се обезбедува преку Бирото за судски вештачења согласно со Законот за вештачење. Имајќи предвид дека Бирото за судски вештачења како такво веќе не постои, корисниците за секундарна правна помош останаа без пристап до услугите од вешто лице. Во практиката оваа празнина може да има особено тешки последици во однос на лицата затоа што вештачењата се особено важно доказно средство во граѓанските постапки кое согласно чл. 235 од Законот за парничната постапка по правило се поднесува со тужбата или со одговорот за тужбата. Она што е неопходно да се уреди се: а) субјектите кои ќе можат да вршат вештачење во предмети за кои е одобрена БПП; б) начинот на избор на субјектите во поединечен предмет имајќи ги предвид правилата на процесните закони; в) постапката за изработка на вешт наод и мислење како и давање исказ во контекст на БПП; и г) постапката за исплата на наградата и трошоците на вештакот. За да се уредат овие околности неопходна е измена на Законот за бесплатна правна помош која треба да се врши од работна група во која ќе учествуваат сите засегнати страни вклучувајќи ги и вештаците, независно на кој начин ќе бидат организирани.
Дополнително на проблемот со вештачењата особено значајни прашања кои треба да се регулираат со измените на Законот за бесплатна правна помош се:
– Отсуството на јасно и недвосмислено право на БПП за жртвите на кривични дела како оштетени во кривичната постапка со што се ограничува можноста на жртвите да ги заштитата и остварат своите права во кривичната постапка. Ова е во спротивност со правото на ЕУ, особено со Директивата за правата на жртвите;
– Обезбедување пристап до секундарна правна помош за жртви на семејно и родово-базирано насилство без утврдување на имотна состојба;
– Отсуството на одредби со кои се уредува ослободувањето од т.н. „други трошоци во постапката“ (пр. трошоци за привремен застапник, супер вештачење, увид итн.) што резултира во пракса иако согласно закон да корисниците се ослободени, сепак се приморани да ги платат за да продолжат со постапката;
– Проширување на правните прашања за кои може да се одобри секундарна постапка со вклучување на постапки кои непропорционално ги засегаат сиромашните лица (пр. постапка за утврдување и наплата на долг пред нотари односно извршители, спорови во врска со јавни и комунални услуги итн.);
– Усогласување на условите за одобрување за секундарна правна помош со стандардите утврдени во практиката на Европскиот суд за човековите права;
– Усогласување на примањата кои не се сметаат за приходи со новиот модел на социјална заштита воспоставен со Законот за социјална заштита од 2019 година;
– Бришење на условот за работна зафатнина на моторот и ограничување на сопственоста на само едно регистрирано моторно возило без оглед на перформансите на возилото;
– Корисниците на паричен надоместок од социјална помош како резултат на нивната финансиска состојба при поднесување барање за секундарна правна помош не треба да подлежат на проверка на средствата.
- Отсуство на дигитализација во системот за бесплатна правна помош
Процес на изготвување на софтвер за водење на предмети за БПП беше отпочнат од страна на Министерството за правда меѓутоа истиот не е функционален и не се користи во пракса. Отсуството на ваквиот софтвер го отежнува собирањето на податоци, водењето на релевантни статистики и планирањето на политики. Дополнително, отсуството на интероперабилност со другите институции го отежнува процесот на подрачните одделенија на МП за добивање на податоци од другите засегнати органи (како на пример Центар за социјални работи, Управа за јавни приходи, МВР, катастар и сл.) со што значително се забавува и отежнува процесот на одобрување на барањата за секундарна правна помош.
Како заложбата ќе допринесе во решавањето на јавниот проблем?
1. Што е досега направено за да се реши проблемот?
- Во однос на потребните законски измени
Националното координативно тело за БПП (во коешто членуваат сите засегнати страни: MП и неговите подрачни одделенија, Адвокатската комора, овластените здруженија и правни клиники) со поддршка на Советот на Европа во 2022 година ги идентификуваше проблемите во Законот за БПП кои произлегуваат од праксата на давателите и изготви Анализа за потребата од измени на Законот за БПП каде што се наведени клучните прашања кои што измените треба да ги опфатат.
Со донесувањето на новиот Закон за вештачење, проблемот со вештачењата се дискутираше на последниот 13-ти состанок на Националното координативно тело за БПП од каде што произлезе препорака за итни и неодложни измени на Законот за БПП. Писмо со мислењето на Националното координативно тело за БПП беше испратено до Министерот за правда и Државниот секретар на Министерството за правда.
- Во однос на дигитализацијата на системот за БПП
Како што беше спомнато и погоре, софтвер за управување со предмети за БПП беше развиен од страна на Министерството за правда меѓутоа истиот никогаш не заживеа во пракса. Некои обуки за користењето на софтверот беа спроведувани на вработените во подрачните одделенија на МП, меѓутоа без голем успех (делумно поради недоволните ИТ вештини на вработените во подрачните одделенија, а делумно поради недостатоци во самиот софтвер).
2. Какво решение предлагате?
- Во однос на законските измени
Неопходно е итно и неодложно формирање на работна група од страна на Министерството за правда за измени и дополнувања на Законот за бесплатна правна помош со вклученост на сите засегнати страни и дискусија за сите идентификувани недостатоци кои предизвикуваат проблеми при користењето на овие услуги од страна на граѓаните. Советот на Европа и овластените здруженија на граѓани и правни клиники треба да бидат вклучени во овој процес.
- Во однос на процесот на дигитализација
Потребно е идентификување на проблемите на веќе постоечкиот софтвер за управување со предмети за БПП на Министерството за правда и негово надградување, како и обуки за вработените на подрачните одделенија (како за стекнување на основни ИТ вештини, така и обуки за користењето на самиот софтвер). Дополнително, потребно е обезбедување на интероперабилност на софтверот со софтверите на другите институции и обезбедување на пристап на вработените во подрачните одделенија до релевантните податоци неопходни за одлучување по барањата за обезбедување на секундарна правна помош.
3. Какви резултати сакаме да постигнеме со спроведување на оваа заложба?
Со оваа заложба се отстрануваат на проблемите со кои се соочуваат граѓаните при користењето на услугите за БПП, се зајакнува пристапот до правда за сите, се подобрува собирањето на податоци, водењето на статистики, транспарентноста на давателите на БПП, креирањето на политиките во оваа област, се зајакнува довербата на граѓаните во институциите/организациите кои што даваат БПП и се зголемува бројот на лица кои што бенефитираат од БПП.
Зошто оваа заложба е релевантна за вредностите на ОВП?
Дополнителни информации
1.Како заложбата ќе ја промовира транспарентноста?
Дигитализацијата во оваа област значително ќе ја подобри транспарентноста во водењето на предметите за БПП, квалитетот на годишните извештаи и поседувањето на статистички податоци со што значително ќе се подобри информираноста кај граѓаните. Дополнително, со предложените измени на законските решенија би се подобрил пристапот до правда за граѓаните со што би се зголемил опсегот на корисници на овие услуги, а со тоа и довербата во институциите.
2.Како заложбата ќе помогне да се поттикне одговорноста?
Дигитализацијата и заживувањето на софтверот за управување со предмети за БПП значително ќе го помогне следењето на предметите и подготвувањето на извештаите, а со тоа и одговорноста на Министерството за правда и подрачните одделенија пред граѓаните. Дополнително, оваа заложба се очекува да ја потпомогне одговорноста на Министерството за правда бидејќи ќе покрене иницијатива за подобрување на прописи што само по себе би значело приближување на правдата до граѓаните а особено до сиромашното население.
3.Како заложбата ќе го подобри учеството на граѓаните во дефинирањето, спроведувањето и следењето на решенијата?
Здруженијата на граѓани регистрирани за давање на БПП како и други релевантни здруженија на граѓани се активно вклучени во работата на Националното координативно тело за БПП од каде и произлегуваат главните предлози за измените на Законот за БПП. Се очекува, тие да бидат и дел од работната група за подготовка на измените на Законот каде заеднички со сите засегнати страни ќе се дискутираат проблемите кои што за граѓаните произлегуваат во пракса.
Други вклучени субјекти
Институции
- Правни клиники регистрирани за Бесплатна правна помош
- Подрачни одделенија на Министерство за правда
Организации
- Здруженија на граѓани регистрирнаи за бесплатна правна помош
- Совет на европа/ЕУ