Манчевски: Заедно со граѓаните ќе креираме Акциски план за Отворено Владино Партнерство
мај 8, 2018
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска ја отвори конференцијата „Отворено владино партнерство – дијалог со граѓанските организации за Националниот акциски план 2018-2020“.
Како што истакна тој, воспоставувањето доверба меѓу владите, граѓанските организации и граѓаните е од клучно значење за јакнење на демократијата во едно општество.
„Заложбата за транспарентност и отчетност, како и вклучувањето на граѓанскиот сектор претставуваат високи приоритети за Владата. Во тој контекст, е отвореноста и спремноста да ги слушаме потребите, критиките и препораките на граѓаните. Во изминатиот период сите политики и закони на кои работевме во МИОА, беа дефинирани и комуницирани во голем број на јавни расправи, консултации и работни средби со сите засегнати страни. Тука сакам особено да ја поздравам и посветеноста и спремноста на граѓанските организации да придонесат со својата експертиза, анализи и истражувања, секогаш кога тоа е потребно“, посочи министерот Манчевски.
Во текот на овие два дена МИОА како одговорно министерство за спроведување на ОВП, отвора дискусија за четвртиот Национален акциски план 2018-2020. Преку промоција на идејата на ОВП и досегашните искуства во имплементацијата на претходните три акциски планови, ќе се создаде подобар акциски план за следните две години.
„Наша цел е да имаме фокусиран и конкретен акциски план, насочен кон иновативни мерки. Да не е гломазен и со голем број на различни мерки и цели, за да може и имплементацијата и реализацијата на предвидените цели да биде конкретна, мерлива и целосна“, информираше министерот Манчевски.
Министерот Манчевски се осврна и на активности за унапредување на политиките за објавување на отворени податоци од државните институции, заради подобрување на транспарентноста и отчетноста на институциите.
„Националната Стратегија за отворени податоци, ја дефинира основната стратешка насока за развој на околината за отворени податоци. Процесот на идентификување на податоците во рамките на институциите, врз основа на критериуми за селектирање на податоци и информации кои може да се објават во отворен формат. Пристапот е обратен од тоа што било пракса со сега. Наместо да одлучуваме кои информации да бидат отворени, ние размислуваме само кои информации не треба да бидат отворени“, заклучи министерот Манчевски.
Превземено од https://vlada.mk/node/14609