Повеќе информации

Насоките за управување во ОВП, нагласуваат дека развојот на Националните акциски планови се врши преку процес кој вклучува повеќе засегнати страни, со активно учество на граѓаните и граѓанското општество, односно идентификување на постоен или нов форум на повеќе засегнати страни, т.е. тело кое ќе овозможи редовна консултација на повеќе засегнати страни за имплементацијата на ОВП.  Како одговор на ова барање во досегашното искуство за имплементација и следење на Акциските планови се формираа Работните групи со сите чинители за спроведување на Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство кои имаат исклучителна важност за постигнување на поставените цели и реализација на утврдените заложби.

Со цел постигнување целосна усогласеност со барањата кои произлегуваат од оваа иницијатива и следејќи ги Насоките за управување и учество во иницијативата за Отворено владино партнерство и Стандардите за ко-креирање и дизајнирање на форум со повеќе засегнати страни, министерот за информатичко општество и администрација донесе Решение за формирање на Совет за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година, бр.03-1550/1 од 14.04.2020 година , со што се обезбедуваат дополнителни услови за унапредување на партнерството. Ова тело ќе има значајна улога и има за цел на структуриран начин да го максимизира учеството и соработката помеѓу институциите и граѓанското општество, преку вклучување релевантни партнери во дискусијата и овозможување да се слушнат гласовите на сите.

Советот се формира за да се поттикне транспарентноста и отвореноста на работата на органите на државна управа и учеството на граѓанското општество во спроведувањето и следењето на иницијативата ОВП во Република Северна Македонија, да се обезбеди меѓусекторска соработка и да се воспостават јасни, структурирани и трајни механизми за постојан дијалог меѓу властите и граѓанското општество; да се зголеми учеството на граѓанското општество во процесите на ОВП и во подготовката на акциските планови за ОВП и за поддршка, поттикнување и следење на спроведување на тековниот акциски план. Овој Совет е составен од 14 члена со еднаков број членови од институциите и од граѓанското општество и ќе биде управуван од еден претставник од органите на државната управа и еден од избраните претставници од граѓанските организации (двајца ко-претседатели), што ќе биде прв ваков модел на партнерство и еднаквост во одлучувањето во нашата држава. Мандатот на Советот е до завршување на АП 2018-2020, а со новиот акциски план предвидено е да се формира и нов Совет со нов мандат.

Советот и Работната група со сите чинители за спроведување на Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година, формирана со решение на министерот за информатичко општество и администрација со бр. 10/2-5355 од 30.10.2018 година, ја преставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Отворено владино партнерство во Република Северна Македонија.