4.4 Правно зајакнување на граѓаните преку достапни информации и отворени институции

Unaccepted
Кој јавен проблем се адресира со заложбата?

Република Северна Македонија ја препознава единствено бесплатната правна помош како формален начин за остварување на правото на пристап до правда на граѓаните. Со новиот Закон за бесплатна правна помош (ЗБПП), кој започна да се применува од октомври 2019 година, значително се подобри пристапот до правда на граѓаните. Сепак, законот во пракса покажа дека има слабости и потребни се измени со цел негова ефикасна примена. Имено, и покрај тоа што во ЗБПП се предвидува дека на лицето корисник на секундарна правна помош, покрај трошоците за адвокат ќе му бидат обезбедени средства и за судски и административни такси, вештачење и други трошоци поврзани со постапката, се појави проблем бидејќи изрично е посочено дека вештачењето ќе биде обезбедено од страна на Бирото за судски вештачења. Проблемот кој беше идентификуван е неможноста на Бирото да обезбеди вешто лице за најчестите правни области за кои граѓаните бараат БПП (меѓу кои геодезија и ДНК анализа – молекуларна биологија). Од друга страна, иако интенцијата на законот не е да наведува ранливи категории граѓани кои би имале право на секундарна правна помош, сепак во оваа година и половина од примената на законот е забележана различна пракса на одобрување односно неодобрување барања за секундарна правна помош кога станува збор за жртвите на насилни кривични дела во кривичните постапки. Идентификуваниот проблем говори за постоење една голема група ранливи жртви на насилни кривични дела на кои сериозно им е ограничен пристапот до бесплатен адвокат како полномошник во постапката само поради контрадикторноста на преодните и завршни одредби на ЗБПП и ограничувачките механизми кои постојат во ЗКП. Од трета страна, а во линија на пристапот до правда за најсиромашните е и потребата од услуги за правно зајакнување и правно описменување кога станува збор за пристап заснован на човековите права.

Постојат две дилеми во однос на законското уредување на вештачењето во воспоставениот систем за бесплатна правна помош. Прво, во Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017-2022 предвидена е активност за укинување на Бирото за судски вештачења. Наметната дилемата е поврзана со тоа како укинувањето на Бирото ќе влијае на моменталната уреденост од член 13 став 6 од ЗБПП според која одредба Бирото е органот кој го врши вештачењето потребно за спроведување/поведување на постапката за која е добиена секундарна правна помош. Второ, не е доволно уреден начинот, постапката и роковите за обезбедување вешт наод и мислење од органот или вештакот кој ќе го врши вештачењето. Сето ова практично значи дека во оваа фаза не постои спореден план во случај на укинување на Бирото како што е наведено во Стратегијата. Од друга страна, во тек е подготовка на Нацрт Предлог закон за вештачење, во кој се уште се задржани одредби за функционирање на Бирото, а со кој неизвесно е како би се влијаело на моменталното уредување за покривање на трошоците за вештачење или пополнување празнини од вешти лица во определени области во кои ранливото население имаат правни проблеми.

Од аспект на пристапот до правда на жртвите на насилни кривични дела, идентификувана е потреба од сериозен пристап кон овие ранливи групи кога станува збор за правна помош од адвокат. ЗБПП е контрадикторен кога според една одредба изречно наведува дека одбрана и застапување во кривична постапка се обезбедуваат согласно Законот за кривична постапка (член 38), а според друга одредба се уште ја остава во примена одредбата од стариот закон која ја предвидува правна помош во сите судски постапки за да се даде заштита на жртвите на казниви дела и жртви од трговија со луѓе (член 49 до новиот ЗБПП во врска со член 8 од стариот ЗБПП). Меѓутоа, и да се обезбедува застапувањето на жртвите на кривични дела според ЗКП, иако постои работната верзија на нов ЗКП со интенција да се најде решение, сепак не го отстрануваат проблемот со ограниченоста на механизмите кои стојат на располагање во ЗКП за жртвите. Можноста за бесплатна правна помош е единствено во член 53 став 3  во корелација со член 55 став 1 точка 1 од ЗКП. Таму формулацијата е многу строга и се вели дека жртвата има право на советник на товар на буџетските средства, односно бесплатен разговор со советник или полномошник пред давањето на исказ (доколку во постапката учествува како оштетен), односно изјава или поднесување на имотноправно барање, ако има тешки психофизички оштетувања или потешки последици од кривичното дело и само ако е жртва на кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку 4 години (како долна граница на казната предвидена за делото). Ваквата формулација не го покриво целосното застапување од страна на полномошникот за време на кривичната постапка, туку е сведено на советување единствено за време додека се дава првиот исказ. Преку пример, што воедно најчесто се случува во пракса, тоа би изгледало вака: силувана жена жртва, за да добие бесплатен советник на товар на буџетски средства, би требала исклучиво силувањето да го претрпела со сторување од страна на повеќе лица или на особено суров и понижувачки начин или од омраза или силувањето да е придружено со тешка телесна повреда или смрт или други тешки последици, бидејќи само за овој квалификаторен облик е пропишана казна затвор од најмалку 4 години. Силувана жртва по друг квалификаторен облик, на пример, доколку е присилена на обљуба со закана дека за неа ќе бидат објавени фотографии со инкриминирачка содржина, само бидејќи минимумот на казната затвор е од 6 месеци до 5 години, нема да има право на бесплатен советник на основа на член 53 од ЗКП. Оставање на жртвата на насилно кривично дело сама без соодветно застапување да поминува преку судскиот процес, само поради тоа што ни ЗКП ни ЗБПП не го дозволуваат тоа, е сериозно спротивно на сите меѓународни стандарди и принципи кои говорат за правна помош и услуги на жртвите.

Покрај бесплатната правна помош како формално признаена, постојат и неформалните облици кои им се достапни најмногу на маргинализираните граѓани, бидејќи се обезбедени од страна на граѓански организации, но и од обучени лица од нивната заедница.

Соработката помеѓу различните чинители кои работат на правно зајакнување и пристап до правда на локално ниво е сеуште особено слаба. Постои недостаток на конкретни заеднички акции и меѓусебна поддршка, поради што и имплементацијата на теренско ниво во која крајно се отсликува пристапот по правда е оставена на моменталната волја на различните субјекти без конкретни одржливи решенија.

Подрачните одделенија не се многу видливи и препознатливи од граѓаните во физичка смисла. Во многу места, од причини на економичност,  ПО на МП се наоѓаат во згради каде се сместени повеќе институции заедно, со несоодветно физичко означување или недостаток од истото. Тоа што ќе се истакне натпис на самата врата на канцеларијата на ПО не значи дека на граѓаните им е видливо, посебно кога пристапуваат во ист влез и треба да се снаоѓаат во лавиринтот канцеларии.

Исто така, за лицата кои користат ортопедски помагала-колички со кои се движат, нема лифтови кои би ги однеле до канцелариите на 2,3 кат, така што интервју со нив се прави во други канцеларии или надвор од зграда. Физичката непристапност може да значи отежнат пристап до правда, зависност од други лица и нивно обесхрабрување при користење на правото на БПП.

Од друга страна, и лицата со визуелна и попреченост во слухот исто така се неинформирани за правото на БПП бидејќи не постојат информативни материјали прилагодени на нивните потреби, на Брајова азбука, со модерни технологии адаптирани за лица со визуелна попреченост или со превод на знаковен јазик за глуви и наглуви лица.

Од веб страницата на Министерството за правда не може да се види кој адвокат е на ред за постапување по барање за БПП. Граѓаните уште кога добиваат првични информации сакаат да знаат кој адвокат би можел да ги застапува.  Исто така, веб страната не е адаптирана за лица со дислексија, ниту содржи доволно информации на јазиците на малцинствата.

Не постои ниту упатување каде  и како можат граѓаните да се пожалат од работата на овластените даватели на БПП.

Согласно последното истражување на правните потреби на граѓаните од 2015 година, секој втор граѓанин во СРМ се соочува со правен проблем. Она што загрижува е што граѓаните не ги препознаваат правните проблеми и како правни ги квалификуваат само проблемите кои би завршиле на суд. Особено загрижувачки се резултатите од Истражувањата за правните потреби на ранливите групи, според кои  96,3% од сексуалните работници се соочиле со правен проблем, а процентот е повисок (98,2%) кај лицата кои употребуваат дроги, речиси секој трет Ром се соочува со правен проблем.

Очигледно е дека граѓаните на РСМ имаат потреба од услуги и правно зајакнување, но особено внимание треба да се посвети на ранливите групи кои поради ранливоста се наоѓаат во многу неповолна ситуација и со ограничен пристап до правда.

Голем број граѓани, особено маргинализираните живеат во сиромашни домаќинства, со ниски примања што особено го ограничува пристапот до услуги, а со тоа и пристапот до правда. Особено треба да се води сметка за жртвите на семејно насилство кои најчесто се зависни од насилникот и живеат во постојан страв дека со тоа што ќе си заминат од домот ќе ја изгубат финансиската поддршка.

Главна цел на заложбата

Oчекувани резултати:

  • Креирана Национална стратегија за правно зајканување
  • Зголемена видливост и физичка пристапност на Подрачните одделенија на Министерството за правда
  • Усвоени законски измени со цел поефикасно остварување на пристапот до правда, а кои се однесуваат на вештачењето и пристап до правна помош на жртви на насилни кривични дела
  • Воспоставена соработка помеѓу Бирото за судски вештачења и вешти лица од сите области и уредена постапка за обезбедување вештачење;
  • Информативни сесии за потребата од вештачење во области кои го засегаат пристапот до правда за слабо имотно население со Министерство за правда, БСВ, адвокатска комора, други институции кои изготвуваат вештачења;
  • Јавно достапни информации за вешти лица и обезбедувачи на неформални и формални првни услуги
  • Спојување на податоци на веб страните https://pravnapomos.mk/ и https://www.pravnozajakni.mk/
  • Мапирање на неформални даватели на правна помош
  • Креирање и одржување на јавно достапен регистар за формални и неформални даватели на правна помош
  • Спојување на податоци со кои располагаат ГОи Министерство за правда
  • Воспотставена интероперабилна сеопфатна дата база со информации од сите обезбедувачи на правна помош и услуги
  • Достапни услуги и информации за лицата со попреченост

Општа цел: Правно зајакнување и пристап до правда за сите граѓани согласно нивните правни потреби и проблеми.

Како заложбата ќе допринесе во решавањето на јавниот проблем?

Заложбата е насочена кон неколку интервенции со цел да се придонесе кон поефикасен пристап до правда за сите граѓани. Најпрво, потребни се законски измени на Законот за бесплатна правна помош со цел да се обезбеди основа за ефикасен пристап на граѓаните до вештачење од сите области и да се гарантира ефикасна заштита на жртвите на насилни кривични дела. Воедно, за да се овозможи вештачење согласно ЗБПП за правните прашања за кои се гарантира бесплатна правна помош Бирото за судски вештачења ќе склучи договори со вешти лица, пропратено со активности кои ќе гарантираат вклученост на сите страни во процесот. За да се овозможи ефикасна заштита на жртвите на насилни кривични дела, ќе се пополни празнината за пристап до правна помош во кривични постапки за жртви на насилни кривични дела за кои е предвидена пониска казна затвор од моменталната во ЗКП во најмалку 4 години.

Понатаму,  ќе биде креирана Национална стратегија за правно зајакнување. Стратегијата ќе биде креирана во транспарентен процес со вклученост на сите релевантни чинители. Националната стратегија ќе биде мулти секторска и ќе ги вклучува сите засегнати институции и ГОи кои работат на обезбедување услуги, правна помош и правно зајакнување. Стратегијата ќе предвидува конкретни активности, буџет и временска рамка за правно зајакнување за сите граѓани на национално и локално ниво.

 Потребен е сеопфатен и одржлив пристап кој ќе го сублимира дејствувањето на локалните институции и здруженија на граѓани во заеднички акции за унапредување на пристапот до правда за сите.

Особено во време на КОВИД-19 пандемија, ќе се придонесе кон поголема видливост, транспарентност и достапност на формалните и неформалните даватели на правна помош. Зголемената видливост и физичка пристапност на ПО на МП ќе значи поголема достапност на нивните услуги за граѓаните.

Преку прилагодени материјали лицата со попреченост ќе бидат навремено информирани и зајакнати.

Преку достапноста на регистрите на сите даватели на правна помош ќе се придонесе кон информирање и насочување на граѓаните каде да го адресираат проблемот кој го имаат соодветно на неговата природа.

Регистрите на вешти лица ќе придонесат кон поголема отвореност на податоците и право на избор на граѓаните.

Зошто оваа заложба е релевантна за вредностите на ОВП?
Дополнителни информации
  • Потребен/обезбеден буџет од страна на Министерството за правда за спроведување на дел од заложбата
  • Врска со Закон за Бесплатна правна помош, Стратегија за реформа на правосудниот сектор 2017-2022
  • Врска со Целите за одржливиот развој на ОН – ЦОР 16.3.

РСМ е посочена како пример на држава која е посветена на унапредувањето на пристапот до правда, вклучувајќи го приоритетот Пристап до правда во Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020.

За следење на имплементацијата на Целта за одржлив развој 16.3 во државата неопходно е редовно водење на податоци за состојбите на ранливите групи на граѓани. Овие податоци треба да послужат за подготовка на национален план за имплементацијата на Цел 16.3., односно план за унапредување на пристапот до правда за ранливите групи на граѓани. Во наредниот период ќе биде подготвена Анализа врз база на прибрани податоци по претходно дефинирани индикатори за следење на имплементацијата на ЦОР 16.3 на национално и локално ниво, како и креирање на План за имплементација на ЦОР 16.3.

Unaccepted


Напишете коментар