4.3 Пристап до правда за жени кои претрпеле семејно насилство

Unaccepted
Кој јавен проблем се адресира со заложбата?

Недостаток на транспарентност и отчетност кај надлежните институции кои се вклучени во системот за заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство, што придонесува за неефективна заштита за жените кои претрпеле семејно насилство во подолг временски период.

Немањето на посебна и соодветна евиденција за случаите на родово базирано насилство врз жени семејно насилство  е системски проблем кој оневозможува тековно следење на состојбите, утврдување на трендови и соодветно планирање на политики и закони за превенција и заштита на жените кои претрпеле семејно насилство.

Иако семејното насилство е законски регулирано во државата од 2004 година и надлежните институции имаат законска обврска за водење на посебна евиденција за случаите на семејно насилство, во пракса изостанува редовното водење на посебна евиденција и информирање на јавноста за состојбите со семејното насилство.

Во Глава 4, чл. 28  од Законот заспречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство е наведена обврската за воспоставување на посебна евиденција за предметите на родово базирано насилство врз жени и семејно насилство од страна на надлежните министерства, институции и ЕЛС. Законот предвидува и обврска за Министерот за труд и социјална политика за пропишување на форма и содржина на образец за собирање на информации помеѓу надлежнисте институции во согласност со Министерот за внатрешни работи, Министерот за правда и Министерот за здравство. И покрај ваквите законски обврски, во пракса изостанува соодветен систем за собирање на податоци и нивно редовно објавување од страна на наведените институции.

Судовите и ЈО не водат посебна евиденција за граѓанските и кривични предмети за родово базирано насилство врз жени  и семејно насилство во постоечкиот АКМИС систем, ниту пак редовно објавуваат податоци за предметите од ваков вид и постапувањето од страна на судиите. Постои и различна пракса на заведување на граѓанските постапки за привремени мерки за заштита по различен основ од страна на судовите. При распределувањето на предмети за семејно насилство кај одреден судија, постоечкиот АКМИС систем не овозможува судијата да биде информиран за останатите судски постапки кои се водат за истиот случај (што е потребно за донесување на соодветна пресуда). Истовремено, не постои можност за пребарување на судски пресуди по основ на семејно насилство на веб страната суд.мк Во новиот Закон[1] е предвидена обврска за судовите и ЈО за водење на посебна евиденција за родово-засновано насилство врз жените и семејно насилство, врз основа на претходно подготвен образец од страна на Министерот за правда.

МВР не објавува податоци за предметите на семејно насилство регистрирани како кривични дела, поплаки и прекршоци. Значајно е да се напомене дека пред 10тина години МВР имаше позитивна пракса на квартално објавување на податоци за предметите на семејно насилство (за период од три месеци) на ниво на сектори за внатрешни работи. Паралелно, не постои регистер за сторители на семејно насилство кој би ги информирал стручните лица од институциите кои се вклучени во постапувањето во предметите за родово базирано насилство врз жени и семејно насилство.

ЦСР нема соодветен систем за собирање на податоци и нивно објавување во јавноста. На веб страната на МТСП можат да се најдат податоци само за пријавените случаи во месец мај и јуни 2020 година, меѓутоа податоците се доста општи и не овозможуваат подетален приказ на состојбите со семејното насилство во државата и преземените дејствија за заштита на жените кои претрпеле семејно насилство од страна на ЦСР. Дополнително, последните извештаи за работата на ЦСР објавени од Заводот за социјални дејности беа од 2015 година.Дотолку повеќе, што самиот Завод имаше констатирано дека ЦСР не води соодветна евиденција на предметите на семејно насилство, односно постои ралика помеќу податоците кои се добиени преку базата ЛИРИКУС и прашалниците за постапување доставени од ЦСР.

Дополнително на ова, јавноста нема пристап до информации за изречените и спроведените привремени мерки за заштита од семејно насилство, кои претставуваат превентивен механизам кој директно влијае на намалувањето на стапката на семејно насилство во општеството.

Заради наведените проблеми, неопходно е подигнување на транспарентноста и отчетноста на надлежните институции, преку воспоставување на соодветен систем за собирање на податоци, размена на податоци помеѓу стручните лица и редовно информирање на јавноста за состојбите и трендовите во однос на родово базирано насилство врз жени  и семејното насилство

[1]  Чл.29 и чл. 30 од Закон за спречување и заштита на насилство врз жените и семејно насилство, Сл. Весник бр. 08-524 /1 од 27.01.2021 година.

Главна цел на заложбата

Основна цел е воспоставување на посебна евиденција за предметите на семејно насилство од страна на сите надлежни министерства и институции вклучени во системот на заштита.

Значајно е да се нагласи дека предлозите за подобрување на системот за собирање и објавување на податоци за семејно насилство се подготвени врз основа на искуството на жените кои претрпеле семејно насилство, како и искуството на практичарите од надлежните институции.

Во делот кој следи образложени се заложбите и очекуваните резултати.

  1. Дополнен е АКМИС системот во судовите со воведување на посебна евиденција за случаите на семејно насилство, со разделени податоци за жртвите на семејно насилство со цел:
  • редовно објавување на податоци за бројот и видот на предмети, податоци за жртвите по регион (град/село), етничка припадност;
  • информирање на судиите за различните судски постапки поврзани со ист случај на семејно насилство кои се водат или воделе пред надлежниот суд (на пр. судија кој постапува во граѓанска судска постапка за изрекување на ПМЗ да добие информација за паралелното водење на кривична постапка за истиот случај);
  • доделување на сите граѓански постапки поврзани со семејното насилство кај ист судија, на пр. постапката за развод на брак, доделување на деца и постапката за изрекување на ПМЗ;
  • редовно објавување на кривичните и граѓански пресуди за заштита од семејно насилство и воведување на можност за пребарување по клучен збор „семејно насилство“;
  • редовно објавување на јавно достапни податоци за бројот и видот на поднесени барања за ослободување од судски такси и трошоци во постапката; број и вид на одобрени ослободувања; висина на ослободување од судски такси и трошоци во постапките.
  1. Зголемена е отвореноста на судот преку назначување на дежурен судија (и дактилограф) за изрекување на ПМЗ за време на викенди и празници.
  1. Унапреден е постоечкиот систем за собирање на податоци за семејното насилство во ЦСР и полиција, со разделена статистика за жртвите и редовно обезбедување на јавно достапни податоци за семејно насилство:
  1. МВР да ги ревидира и дополни постоечките образци (кривични дела, прекршоцви и поплаки), со цел собирање на подетални податоци за семејно насилство и квартално објавување податоци во однос на: бројот на кривични дела прекршоци и поплаки; основните информации за жртвата (место на живеење град/село; ниво на образование; работен статус; етничка припадност); основни информации за сторителите на семејно насилство. Да се воведе посебна евиденција и објавување на податоци за трендовите во однос на повлечените и повторно поднесените предлози за кривично гонење за кривичното дело „телесна повреда“, чл. 130, ст. 2 од КЗ. Исто така да се воведе посебна евиденција и објавување на податоци за бројот на спроведени итни мерки за заштита од страна на полиција „отстранување на насилникот од домот и забрана за приближување на домот“
  • Да се воведе регистер на сторители на семејно насилство со цел информирање на стручните лица од институциите кои постапуваат во случаите на семејно насилство;
  • ЦСР квартално да објавува податоци за случаите на семејно насилство, разделени податоци за жртвите, бројот и видот на обезбедени мерки за заштита по региони (град/село) и етничка припадност;
  • ЦСР да воведе посебна евиденција за случаите каде има потреба од изрекување на ПМЗ и редовно да објавува податоци за бројот на овие случаи, бројот на поднесени предлози до судот и изречените ПМЗ; да издава потврда дека има потврда за изрекување  на мерките за жртвата да може сама да поднесе предлог до судот.

4. Воспоставен е електронски систем за собирање и размена на податоци од страна на ЦСР, судови, полиција и здравствени установи, во однос на предложените, изречените , укинатите, сменетите или продолжените привремени мерки за заштита од семејно насилство.

Како заложбата ќе допринесе во решавањето на јавниот проблем?

Воспоставувањето на посебна евиденција за случаите на семејно насилство во секоја надлежна институција директно ќе придонесе за зголемување на транспарентноста и отчетноста на институциите. Воспоставениот систем за собирање на податоците ќе овозможи редовно следење на состојбите, соодветно утврдување на потребите на жртвите и планирање на државните политики и закони базирано на докази.

Совет:

Со цел да го направите ова, објаснете како ќе се спроведе заложбата.

Обезбедете јасен опис за тоа како достигнувањата (дел од оваа заложба) ќе се спроведат за да се добијат очекуваните резултати и да се постигне поставената цел, односно како реализацијата на достигнувањата ќе придонесат за решавање на утврдениот јавен проблем.

Зошто оваа заложба е релевантна за вредностите на ОВП?
Дополнителни информации

Потребен/обезбеден буџет за спроведување на заложбата

Значајно е да се нагласи дека за реализирање на предложената заложба не се потребни буџетски средства.

Имено, за надоградувањето на постоечкиот систем за собирање на податоци во ЦСР, полицијата и судовите (заложба 1,3 и 4) потребно е иницирање на внатрешни процеси во надлежните министерства, односно утврдување на обраазците и нивно користење во пракса.

Реализирањето на заложба 2, односно назначувањето на дежурен судија за постапување во случаи на семејно насилство за време на викенд или празници е веќе воспоставена пракса во дел од основните судови и потребно е истата да се примени од страна на останатите.

Врска со други владини програми, Националниот развоен план или други секторски / локални планови

Заложбата е целосно во согласност со националните стратегии и програми кои ја регулираат родовата еднаквост на меѓународно и регионално ниво. Во согласност е со акциониот план за имплементацијата на ратификуваната Конвенција на Совет на Европа за превенција и заштита од насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска Конвенција).

Врска со Стратегија за борба против корупција, Целите за одржливиот развој на ОН и друго

Водењето на посебна евиденција и редовното објавување на податоци за семејното насилство директно придонесува за имплементацијата на Цел 16.3. Владеење на правото и еднаков пристап до правда за сите. Имено, за следење на имплементацијата на оваа одржлива разавојна цел во државата неопходно е редовно водење на податоци за состојбите на ранливите групи на граѓани, вклучително и жените кои претрпеле семејно насилство. Овие податоци треба да послужат за подготовка на национален план за имплементацијата на Цел 16.3. , односно план за унапредување на пристапот до правда за ранливите групи на граѓани.

Здружение ЕСЕ и Коалиција Маргини со поддршка на Фондација Отворено Општество Македонија (ФООМ) во изминатите неколку  години активно работат на забрзување на процесот на имплементација на цел 16.3. од страна на Владата. Во оваа насока, дел од активностите за застапување се насочени кон воспоставувањето на систем за собирање на податоци за состојбите на ранливите групи на граѓани.

Unaccepted


Напишете коментар