4.2 Унапредување на пристап до правда на социјално загрозени и граѓани во социјален ризик

Unaccepted
Кој јавен проблем се адресира со заложбата?

Социјална категорија граѓани со своите роднини треба да се тужат за издршка само за да остварат право од социјална заштита

За користење на правото Гарантирана минимална помош (ГМП) како парично право од социјална заштита, или за преобразба на правото на постојана парична помош (од стариот закон) во ГМП (по новиот закон), постои потреба од докажување дека барателот (или корисникот) на ова право не може да обезбеди издршка за себе по ниту еден основ. Тоа практично значи дека потребно е барателот/корисникот да поднесе тужба против член на неговото семејство или домаќинство за издршка. Во пракса, поднесување тужба значи иницирање судска постапка, која:

– од една страна е непознат процес за овие категории граѓани – бидејќи го немаат потребното правно образование за сами да ја состават тужбата или дополнителни информации каде да се обрата за правна помош, па често ги губат дадените рокови за некое право па остануваат целосно незаштитени и без остварени права,

– од друга страна е скапа постапка за слабоимотни и социјални категории граѓани – целата постапка би чинела околу 2.000,00 денари што е многу висок износ за поединец или домаќинство без приходи. И да бара тужителот бесплатна правна помош, страната која го губи спорот ги надоместува трошоците на судската постапка, а тоа е најчесто членот на домаќинството со кого заеднички тужителот го дели заедничкиот семеен месечен буџет. Дополнително, истиот член на домаќинството треба да ги враќа парите за добиена БПП до Министерството за правда. Во секој случај, постои механизам за ослободување од судски такси преку Закон за судски такси или преку системот за БПП, но и за да го оствари ова право потребно е повторно да се изложи на трошоци за да ги пробави потребните докази за неговата/нивната слаба материјална и финасиска состојба.

– а од трета страна влијае на нарушување на и така кревките односи меѓу барателот и останатите роднини со обврска за меѓусебно издржување.

Уште повеќе, постои можност за поведување ваква постапка во име и за сметка на барателот од страна на надлежниот ЦСР (доколу е старо, немоќно, неспособно, инвалидно лице и дете) но во пракса ова скоро и да не се користи.

Постојат голем број на граѓани кои се корисници на ГМП, а средствата кои ги добиваат по тој основ им се блокираат од страна на Извршители заради неплатен долг. Законот за извршување ги изема од блокирање корисниците на ГМП, на хуманитарна помош, социјални надоместоци и др. Ваквите средства се со цел да обезбедат минимален приход за да може семејството да егзистира во периодот додека бара работа, се лекува, се образува или преквалификува со истите средства. Токму заради тоа и средствата кои се исплаќаат од Агенцијата за  Вработување за реализирање на активните мерки се прифаќаат како образовни додатоци и се ослободени од извршување.

– Голем број од граѓаните корисници на ГМП не знаат дека се изземени од извршување. Со доставување на потврда од Центарот за социјални работи до Извршителите истите се ослободуваат, односно се деблокира сметката. Сепак Банката си ја наплаќа провизијата за блокада и деблокада во просек од околу 1 400 денари. Во секој случај корисниците на ГМП се со пониско образование, најчесто неуки странки и го прифаќаат блокирањето на сметката, повлекувањето на пари без приговор за што страдаат заедно со своите семејства. Наместо да си ги бараат своите права се одлучуваат да молат за помош, но имаме и случаеви на просење, собирање по канти а можни се криминални активности како што е дрвокрадството, кражби и сл.

– Во 2018 година се потпиша и Меморандум  помеѓу МТСП и Комората на Извршители за да не се блокира социјалниот број. За жал овој Меморандум многу малку ја промени состојбата бидејќи постојат многу пропусти. Се уште социјалниот број не е видлив за Извршителите, Локалните Самоуправи и банките. Банките си повлекуваат средства со изговор дека постапуваат по закон за платен промет или должникот зел кредит и прифатил да му се повлекуваат средства. Покрај редовните проблеми околу дознавањето кој е Извршителот кој го нарачал блокирањето, проблем е доколку Извршителот е заминат на подолго време во странство, се пензионирал или починал. На тој начин додека се префрлат предметите кај Заменски Извршител, корисниците на ГМП остануваат без средства и по 6 месеци. Самиот факт дека со потврда за ГМП корисник се врши деблокирање видлив е фактот дека и самиот изготвувач на Меморандумот со резерва гледа дека социјалниот број ќе биде максимално заштитен. Ваквата состојба ги обесхрабрува голем број од корисниците на ГМП да аплицираат за мерки од АВРМ поради стравот дека извршителите ќе им ги земат средствата.

Главна цел на заложбата

Главната цел на оваа заложба е да овозможи пристап до постапка за остварување права од социјална заштита за социјално загрозени категории граѓани без водење скапи судски постапки со што на долг рок ќе се влијае кон враќање на довербата во системот за социјална заштита.

По примерот на прибавување податоци од центрите за социјална работа за имотна состојба на членовите на домажинството/семејството – да се создаде пракса на прибавување податоци за утвврдување материјална и финансиска состојба на членовите на семејството со кои барателот не живее во заедничко домаќинство а кои имаат законска обврска за негова/нејзина издршка. На најлесен начин, преку утврдување на состојба со приходи од Управа за јавни приходи може да се утврди и процени дали роднината имал доволен приход во текот на годината за да одвои за издршка за барателот. Со тоа, би се зајакнала функцијата на прибавување податоци по службена должност, врз основа на кои ЦСРата ќе можат на едноставен начин да направат проценка дали по основ на законска издршка корисниците/потенцијалните корисници можат да обезбедат издржување за себе и да се упатат на судски спор, или да се заштита од впуштање во за нив скапи и долготрајни постапки. Со тоа од една страна, управната постапка би се спровела според начела на општата управна постапка.

Очекувани резултати се: зајакнати капацитети на ЦСРата при проценка на материјална, финансискиа и имотна состојба на барателите/корисниците преку користење на механизмот за прибирање податоци по службена должност; Изготвено интерно циркуларно упатство со вклучени насоки за прибирање и ценење на податоци; Изготвен прирачник за иницирање постапки во интерес на ранливо население од кои зависат користење на правата од социјална заштита.

Истовремено, заложбата ќе да се изврши превенција од блокирање на социјалниот број на корисниците на ГМП. Да се прекине со понижувањето на најранливата група на граѓани да се моли за информација од кого е блокиран, кај кој извршител, да вади потврди во услови на КОВИД-19 од ЦСР и да добива утопистички совети да бара банката да му ги врати средствата, ако не дека ќе ги тужи.

Резултат ќе биде конечно социјалниот број да биде заштитен од извршување. Со негова заштита ќе се отстранат и сите толкувања од институциите кои го вршат блокирањето кои средства смеат а кои не смеат да се блокираат. Ќе се расчисти дилемата и дали лицата со минимални пензии, инвалидски пензии смеат да бидат блокирани или не и други неразјаснети ситуации.

Со заштита на социјалниот број конечно ќе има функционирање на законите и гарантираниот минимален приход. Во овој случај ќе имаме реално пристап до правда и социјална заштита која го гарантира правото на живот.

Како заложбата ќе допринесе во решавањето на јавниот проблем?

Моменталната владина практика е барателите директно да се препраќаат на водење судска постапка за издршка, без претходно да се процени во конкретниот случај дали тоа би било оправдано или не и дали веќе постојат доволно докази кои упативаат на оваа потреба од судски спор.

Заложбата ги има предвид начелата на општа управна постапка и тоа: начело на пропорционалност (овозможување на странката да ги оствари и заштити своите права и интереси кои не се на штета на трети лица или јавниот интерес);  начело на економичност и ефикасност на постапката (нејзино спроведување на наједноставен можен начин, без одлагање и со што помалку трошоци за странките, а сепак потполно да се утврди фактичката состојба); начело на сервисна ориентираност кон остварувањето на правата и интересите на странките; начело на утврдување материјална вистина на сите факти и околности од битно значење за правилно утврдување на фактичка состојба преку прибавување, разгледување и обработување на информациите и податоците по службена должност; начело на активна помош на странката за остварување и заштита на нејзините права на што е можно поефективен и полесен начин, додека незнаење и неукоста на странката не треба да биде на штета на нејзините законски права и интереси.

На овој начин, преку правилна и целосна проценка на состојбите на странката од кои зависи користење и остварување на некои од правата од социјална заштита, ќе се делува кон спречување на одолговлекување на процесите и нејзино свесно втурнување во долги судски постапки. За да можат правилно и целосно да ја проценат состојбата, потребно е преземање на неколку активности:

  1. Изготвување интерно циркуларно упатство за користење на законска можност од член 269 став 1 од Закон за социјална заштита за прибавување податоци за материјална финансиска и имотна состојба на членовите на семејство/домаќинството – ова упатство би содржело практични насоки кои факти треба да се утврдат, како да се утврдат и како правилно да се применат фактите при одлучување по поднесено барање. За спроведување на оваа активност, потребно е претходно состанување за утврдување структура, рамка и содржина на упатство кое е значајно од практичен аспект. Од особено значење е упатството да биде дискутирано и внатре во ЦСРата бидејки ќе треба да излезе во пресрет на нивните потреби. Упатството е потребно да биде изготвено од Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности, а по потреба под консултација од надворешни познавачи на темата (НВОа, професори и сл).
  2. Зајакнати капацитети на ЦСР-ата за користење на законска можност од член 298 од Закон за социјална заштита – од особена важност е да се направи проценка на потребите на ЦСРата кога станува збор за законската можност за поведување судска постапка во име и за сметка на барателот дури и ако станува збор за старо, немоќно, неспособно, инвалидно лице и дете. Најдобар и најсоодветен начин е преку организација на 3 до 5 еднодневни работилници/советувања со правниците од центрите за социјална работа ширум државата. Фокусот на овие работилници би бил утврдување на практичните проблеми и потребите на ЦСРата за искористување на оваа законска можност во пракса, како и надминување на пречките кои постојат и поради кои не се исполнува целосната заштита на странката. Работилниците/советувањата е потребно да бидат организирани и спроведени од Министерството за труд и социјална политика, под консултација на Заводот за социјални дејности, а по потреба и од надворешни познавачи на темата (НВОа и сл.).
  3. Изготвување прирачник врз основа на активност бр. 2 со содржани теркови за иницијални поднесоци и други насоки за текот на судска постапка од интерес на ЦСР-ата – оваа активност, освен што ќе биде спроведена на основа на активност бр. 2, треба да биде спроведена од Министерство за труд и социјална политика, а правилно комуницирана со практичари на правно застапување и НВОа.

Во моментот корисниците на Гарантиран Минимален Приход се соочуваат со сериозни предизвици при остварување на ова согласно Устав загарантирано право. Истите често се блокирани од Извршители, Локални Самоуправи и од Банки заради неплатени сметки за вода, долгови кон банки, неподмирени долгови за данок за имот и други давачки. Истите лутаат низ лавиринтите на системот и остануваат подолго време без приход неопходен за нивно преживување. Целта на самите средства е да најранливите категории граѓани преживеат во услови на социјален ризик, додека бараат работа, се дообучуваат или образуваат или истите средства се користат за нивно лекување.

Со реализација на оваа заложба ќе се врати пред се владеењето на законите и токму најранливите категории на граѓани ќе ја врата довербата во институциите. За истата да се реализира потребно е да се преземат следните активности:

-Законска измена на Законот на платен промет. Со тоа Банките нема да постапуваат и спроведуваат извршувања кон социјални надоместоци

-Да се дефинира конечно кои се средства не смеат да бидат блокирани од страна на субјектите кои имаат право да блокираат сметки. Приоритет е социјалниот број на корисниците на ГМП, но и другите средства кои се ослободени од блокирање а се наведени во Законот за Извршување кој често трпи промени.

-Законска измена нa Закон за извршување. Меморандумот за разбирање помеѓу МТСП и Комората за Извршители да се замени со повисок Правен Акт со кој ќе се изземе можноста за блокирање на социјалниот број.

– Креирање на софтверско решение за сметките на приматели на ГМП и останати приходи, кои се поврзани со социјалниот број како би се оневозможило блокирање на средства од страна на институциите. Министерство за труд и социјална политика да изработи софтвер кој реално ќе го заштити социјалниот број преку податоците за корисниците со кои располага МТСП, додека Министерството за Финансии и Министерството за Информатичко Општество да бидат консултирани во процесот. За хуманитарна помош потребно е да се регистрира помошта и исто да добие Социјален број. Социјалниот број дефинитивно мора да биде различен од трансакциската сметка на корисникот и истиот треба да биде наменски социјален број. Вакво искуство веќе имавме со вториот и третиот пакет мерки од Владата за борба против КОВИД-19 и веќе спомнатите Министерства може да го искористат искуството.

Зошто оваа заложба е релевантна за вредностите на ОВП?
Дополнителни информации

Искористете го овој дополнителен, изборен простор за да обезбедите други корисни информации, на пример:

  • Потребен/обезбеден буџет за спроведување на заложбата
  • Врска со други владини програми, Националниот развоен план или други секторски / локални планови

Врска со Националниот план за борба против сиромаштијата и со Целите за одржлив развој за искоренување на сиромаштија.

Unaccepted


Напишете коментар