4.1 Унапредување на заштитата на сексуалните работници и лицата кои употребуваат дроги

Unaccepted
Кој јавен проблем се адресира со заложбата?

Основната цел на полицијата во едно демократско општество е почитување и заштита на основните човекови слободи и права на сите граѓани, недискриминација и почитување и штитење на човечкото достоинство. Меѓутоа, во многу случаи полицијата во своето постапување ги прекршува правата на лицата кои употребуваат дроги и сексуалните работници. Лицата кои употребуваат дроги често пријавуваат случаи дека врз истите бил вршен незаконит претрес од страна на полициски службеници, дека биле малтретирани во полициски станици, биле изложени на тортура (присилувани да признаат дека сториле некое дело, за да можат полициските службеници да поведат постапка против тие лица), нечовечко и/или деградирачко постапување, не им биле соопштувани нивните права во полициска станица, врз истите била употребувана прекумерна употреба на сила од страна на полицијата во полициското постапување, а како последица од тоа, лицата кои употребуваат дроги се здобиваат со телесни повреди. Покрај тоа што лицата кои употребуваат дроги се изложени на тортура од страна на полицијата, истите се изложени на тортура и во затворите. Сексуалните работнички пак, често пријавуваат дека полицијата не постапува по нивно пријавување на случаи на насилство и дека трпат разни форми на насилство од страна на полиција. Она што исто така се јавува како сериозен проблем е фактот што ниту полицијата, ниту јавното обвинителство не пристапуваат кон темелна истрага во случаи кога се работи за сексуални работнички, а посебно недоволно ги истражуваат случаите на фемицид на сексуалните работички.

Дискриминација, нееднаков третман и прекршување на човекови права на лицата кои употребуваат дроги и сексуалните работници од страна на полиција.

  • Врз основа на истражување спроведено од страна на ХОПС за правните проблеми и потреби со кои се соочуваат лицата кои употребуваат дроги и сексуалните работници на територија на Република Северна Македонија, 85% од лицата кои употребуваат дроги и 62% од сексуалните работници пријавиле барем еден проблем со полиција:

– 69% од лицата кои употребуваат дроги и 49% од сексуалните работници се соочиле со противзаконит претрес, профилирање и сл. од страна на полиција,

– 65% од лицата кои употребуваат дроги и 41% од сексуалните работници се соочиле со физичко или психичко малтретирање од страна на полициски службеници (навредување, омаловажување, тепање и сл.),

– 37% од лицата кои употребуваат дроги и 20% од сексуалните работници се жртви на злоупотреби на службена положба од страна на полиција (злоупотреба на лични податоци, уцена и сл.),

– 47% од лицата кои употребуваат дроги и 27% од сексуалните работници се соочиле со неосновано приведување, задржување на или лишување од слобода,

– 33% од лицата кои употребуваат дроги и 28% од сексуалните работници се соочиле со одбивање од страна на полицијата да евидентира или да поведе истрага за пријавено дело/проблем,

Полицијата не постапува по пријави на лица кои употребуваат дроги и сексуални работници,

  • Врз основа на истражување за анализа на ставовите на сексуалните работници за потребите од промена на законската регулатива за сексуалната работа во Македонија, само 1,3% од сексуалните работници одговориле дека очекуваат или добиле помош од полиција, што се должи на непостапување од страна на полиција, дискриминаторски третман и злоупотреба на службена должност.

Тортура и деградирачко постапување врз лицата кои употребуваат дроги и сексуалните работници во затворите.

Врз основа на истражување спроведено од страна на ХОПС за правните проблеми и потреби со кои се соочуваат лицата кои употребуваат дроги и сексуалните работници на територија на Република Северна Македонија, 92% од лицата кои употребуваат дроги и 60% од сексуалните работници се соочиле со  најмалку еден проблем при издржување на казна затвор.

Главна цел на заложбата

Главна цел на заложбата е сензибилизација на полициските службеници и вработените лица во затворите во постапување со лица кои употребуваат дроги и сексуални работници преку обуки.

Очекувани резултати:

  • Постапување од страна на полицијата по пријавени случаи од лица кои употребуваат дроги и сексуални работници,
  • Еднаков третман од страна на полицијата и вработените лица во затворите кон лицата кои употребуваат дроги и сексуалните работници,

Зголемена доверба во полицијата кај лицата кои употребуваат дроги и сексуалните работници.

Како заложбата ќе допринесе во решавањето на јавниот проблем?

Преку воведување на обуки за полициски службеници и вработени лица во затворите за работа со лица кои употребуваат дроги и сексуални работници ќе се зголеми сензибилноста на полицијата и вработените лица во затворите при постапување со овие две заедници. Лицата кои употребуваат дроги и сексуалните работници ќе имаат еднаков третман како и сите граѓани, со тоа кај нив ќе се зголеми довербата во полицијата, што ќе резултира со поголем број на пријавени случаи.

Воведувањето на задолжителен аудио и видео запис во полициските простории за време на распит ќе придонесе за поефикасно решавање на случаите и елиминирање на тортура, нехумано и деградирачко однесување  кон лицата кои употребуваат дроги и сексуалните работници.

Употребата на технички средства за аудио и видео снимање е уредено и во членот 93-а од Законот за полиција каде е предвидено дека  полицијата, при преземање на дејствија во рамките на полициските овластувања, да употребува технички средства за аудио и видео снимање, со цел обезбедување на снимен материјал за начинот на кој се презема дејствието од страна на полициските службеници.

Употребата на технички средства за аудио и видео снимање е регулирана и со други закони и овие технички средства веќе се применуваат во судовите и јавните обвинителства.

Покрај постоечките закони, од  мај 2021 година ќе се применува и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство кој исто така со мерките за заштита на жртвите од ревиктимизација ги задолжува надлежните институции, исказот на жртвата во полициска станица и јавно обвинителство да се земе со користење на видео и тонски записи.

Зошто оваа заложба е релевантна за вредностите на ОВП?
Дополнителни информации

Врска со Правилник за обука во Министерството за внатрешни работи; Национална стратегија за еднаквост и недискриминација 2016 – 2020 година; Национална стратегија за развој на пенитенцијалниот систем 2015 – 2019 година

Unaccepted


Напишете коментар