1.5 Овозможување на бесплатен пристап до податоци за граѓанските организации

Unaccepted
Кој јавен проблем се адресира со заложбата?

Според Централниот регистар во Р.С. Македонија има 15.581 регистрирани здруженија и фондации, согласно Законот за здруженија и фондации. Централен регистар согласно член 47 од Законот за здруженија и фондации, а во врска со приоритетот „Граѓанско општество“ од Планот 3-6-9 на Владата на Р.С. Македонија, објавува листа на граѓански организации во отворен формат (excel), достапна на следниот линк: https://www.crm.com.mk/mk/otvoreni-podatotsi/gragjanski-organizatsii.

Моментално, информациите кои се објавуваат во рамки на оваа листа се: име на организација, матичен број и контакт меил адреса.

Преку можноста за индивидуално пребарување по име на субјект или матичен број https://www.crm.com.mk/mk/otvoreni-podatotsi/osnoven-profil-na-registriran-subjekt, за секој субјект може да се добијат и следните информации, без дополнителен финансиски надоместок: ЕМБС; ЕДБ; Целосен назив; Скратен назив; Датум на основање; Правна форма; Правен статус; Адреса; Дополнителни информации (во стечај/во ликвидација); Претежна дејност; Големина.

Согласно член 47 од Законот за Здруженија и фондации, дефинирано е дека во овие регистри се запишуваат: полното име на организацијата и скратеното име ако го има; седиштето; актот за основање; датум на основање; име, презиме и единствен матичен број на граѓанинот и единствен матичен број на основачите; датум на донесување, односно изменување и дополнување на статутот; предвиденото време за кое организацијата се основа; цели и дејности; име, презиме и единствен матичен број на застапникот по закон; податоци за организациски единици (подружници, канцеларија и слично); податоци за статус на организација од јавен интерес; податоци за статусните измени; податоци за стечај и ликвидација; забелешка за започнување постапка за забрана на вршење на дејност; престанок на работа и; број и датум на решение за запишување, за промена на податоци и решение за бришење на уписот во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој Закон.

Можеме да заклучиме, дека во овој момент, без надоместок, меѓу другото не се достапни: актот за основање, информации за основачи и овластени лица, цели и дејности, статус на организација од јавен интерес.

Во рамки на процесите на креирање политики, учеството на граѓанските организации се смета за демократски минимум. За таа цел институциите користат различни методи, меѓу кои и креираат посебни регистри, како на пример Секретаријатот за европски прашања https://www.sep.gov.mk/post/?id=706 или Советот за соработка со и развој на граѓанското општество https://www.nvosorabotka.gov.mk/sites/default/files/4.%D0%9Ebrazec_Registar_GO_0.pdfИ недржавните актери, кои имаат потреба од пошироки консултации, комуникација и вмрежување користат регистри кои сами ги креираат, на пример Дијалог кон ЕУ https://bit.ly/3wnsQ1O или Цивика Мобилитас https://civicamobilitas.mk/adresar/. И меѓународни и меѓудржавни организации често се впуштаат во активности кои имаат за цел да мапираат организации од различни области, на пример УНИЦЕФ https://www.unicef.org/northmacedonia/media/3541/file/MK_MappingCSOsCWD_Report_MK.pdf.

Потребата од создавање посебни регистри (односно бази на податоци за здруженија и фондации), се јавува поради недостаток на пристап до отворени податоци за граѓанските организации кои се евидентирани во Централниот регистар согласно Законот за здруженија и фондации, кои редовно се ажурираат и, и кои корисниците може да ги пребаруваат по различни основи, за различни цели. Постојните горенаведени регистри што се водат надвор од Централниот регистар тоа не го овозможуваат, се парцијални и непотребно се трошат средства за иста намена.

Дополнително, моментално на листата на граѓански организации, евидентирани се разновидни форми на граѓанско здружување, од здруженија, комори, спортски друштва, навивачки групи, здруженија на возачи, здруженија на пензионери, жени и сл. Без дополнителни информации за секој од субјектите не е возможно да се направи проценка на структурата на граѓанското општество.

Главна цел на заложбата
  1. Унапредување на транспарентноста на граѓанското општество;
  2. Унапредување на инклузивноста во процесите на креирање и следење на јавните политики, преку можноста за тематско, географско или друг тип на таргетирање на граѓанските организации;
  3. Соодветно дизајнирање на политики за развој на граѓанското општество, имајќи ги предвид спецификите на субјектите регистрирани согласно Закон за здруженија и фондации;
  4. Намалување на административниот товар врз здруженијата во процесите на аплицирање за финансиска поддршка кај јавни и приватни донатори.
Како заложбата ќе допринесе во решавањето на јавниот проблем?
  1. Проширување на отворените податоци за граѓанските организации со податоците достапни од индивидуалното пребарување достапни како постојни услуги

Проширување на податоците што Централниот регистар ги објавува за граѓанските организации во отворен формат (Листа на граѓански организации) бесплатно на веб локацијата http://www.crm.com.mk/mk/otvoreni-podatotsi/gragjanski-organizatsii, со сите податоци кои се јавно и бесплатно достапни преку услугата Основен профил на регистриран субјект (http://www.crm.com.mk/mk/otvoreni-podatotsi/osnoven-profil-na-registriran-subjekt).

Податоците ќе се добиваат од тековната – моментална состојба на Регистарот на здруженија и сојузи, Регистарот на фондации и Регистарот на организациони облици на странските организации (3-те дефинирани во Законот за здруженија и фондации) и ќе се ажурираат најмалку еднаш месечно.

Со проширување на податоците ќе се  овозможи филтрирање преку пребарување по различни основи, на пример според седиштето, правна форма, големина и др., односно по секој од достапните податоци, што ќе ја зголеми нивната употребна вредност. Имајќи предвид дека за податоците е одговорен Централниот регистар, истите ќе бидат ажурирани и комплетни. Регистрите кои моментално ги водат другите државни институции и недржавни актери, се парцијални (само со информации за организации кои се регистрирале за нивните потреби) и без одржливи механизми за ажурирање на податоците.

Овие информации ќе послужат на самото граѓанско општество, на донаторите и меѓународните организации, кога тие организираат консултативни процеси или имаат потреба да дисеминираат информации. Исто така, поради јавната достапност на овие информации, процесот на аплицирање за финансиска поддршка (јавна и приватна), ќе може во одредена мера да се олесни административно.

  1. Овозможување пристап до динамички извештаи со прилагодливи податоци за граѓанските организации за корисниците на буџетот (централна и локална власт)

Иако Централен регистар нуди бесплатен пристап до информации за државните институции, видно е дека дел од институциите не се информирани за можноста, а на дел од нив не им е од корист форматот во кој се достапни информациите за граѓанските организации, па затоа тие се одлучуваат за креирање и користење на свои регистри на здруженија и фондации, често креирани на основа на тематска определба на организациите, како што е погоре дадениот пример од СЕП и Советот за соработка со и развој на граѓанското општество.

Со овозможување на пристап до динамички извештаи со прилагодливи податоци за здруженијата и фондациите на институциите корисници на државниот буџет (централна и локална власт) ќе им се овозможи директен и авторизиран пристап до динамички извештаи со прилагодливи податоци.  Податоците во извештаите ќе се добиваат од тековната – моментална состојба на Регистарот на здруженија и сојузи, Регистарот на фондации и Регистарот на организациони облици на странските организации (3-те дефинирани во Закон за здруженија и фондации) врз основа на определени влезни критериуми (филтри), како на пример: географски по седиштето на субјектот, организационен облик, големина, по клучен збор од целите и сл.

Конечното утврдување на влезните критериуми и излезните податоци ќе се одлучи во инклузивен процес, во работна група составена од претставници на ФООМ како предлагач на заложбата, претставници на ЦР, Влада – Одделението за соработка со граѓанските организации, Совет за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор. Со можноста за пристап до ажурирани податоци, кои може да се обработуваат согласно интересот на институцијата која ги користи, институциите ќе можат да го зголемат опфатот на организации со кои комуницираат, да ги информираат и да ги вклучуваат во тековните консултативни процеси.

Конечно, развојот на политиките за граѓанско општество е цел сама по себе. Владата има оформено Совет за соработка со и развој на граѓанското општество и има донесено, односно подготвува нова Стратегија за развој на граѓанското општество. Меѓутоа дизајнирањето на квалитетни политики, зависи од достапноста на квалитетни податоци. Моменталниот формат во кои се достапни податоците за здруженија на граѓани не се доволно употребливи и корисни при креирањето на политики. Овозможување на бесплатен пристап до податоци за граѓанските организации  значително ќе ја олесни работата и на Советот во овој аспект.

Зошто оваа заложба е релевантна за вредностите на ОВП?
Дополнителни информации

Врска со Стратегијата на Владата за соработка и развој на граѓанскиот сектор 2018-2020:

Во Стратегијата на Владата за соработка и развој на граѓанскиот сектор 2018-2020 е предвидена МЕРКА 12: Зголемување на достапноста и дисеминацијата на јавните податоци за регистрираните граѓански организации во Централниот регистар на Република Македонија.

Во рамки на оваа мерка, предвидени се две активности 12.1.Подобрување на базата на регистрирани граѓански организации во Централниот регистар,  каде треба да бидат проширени јавно достапните информации за регистрираните граѓански организации 12.2. Подобрување на правната рамка за постапките за добивање на потребните информации од Централниот регистар со цел јавно финансирање на проектите и програмите на граѓанските организации.

Unaccepted


Напишете коментар